Македонската фудбалска репрезентација до 17 години продолжува со одличните настапи на квалификацискиот турнир за Европското првенство 2027. Избраниците на селекторот Иљами Исејни ја совладаа селекцијата на Сан Марино со минимални 1:0 и ја забележаа втората победа во Групата 11, со што имаат максимални шест бода од два натпревари.
Повторно во центарот на вниманието беше Стефан Ристиќ. Напаѓачот на младинскиот погон на Партизан го постигна единствениот гол во 58. минута, по асистенција на Александар Полимец.
Ристиќ претходно блесна и против Унгарија, кога со хет-трик го предводеше македонскиот пресврт од 0:2 до победа од 3:2. Така, младиот напаѓач веќе има четири гола на првите два натпревари.
Македонија направи огромен чекор кон пласман во втората квалификациска рунда, односно Лигата А. Последниот натпревар од групата нашите надежи го играат на 17 ноември против домаќинот Турција, во дуел кој ќе го одреди конечниот распоред.

