Црвена Звезда како клуб организираше специјален и свечен чин пред денешниот натпревар против Текстилац во Првата лига, а причина за собирот беше инаугурирање на споменикот кој му е посветен на Драгослав Шекуларац – Шеки.
„Втората звездина звезда“ доби споменик на западната страна на стадионот и денеска истата можеа да ја видат навивачите на клубот, кои уште пред седум години можеа да сведочат на сличен чин во чест на „првата звездина звезда“, Рајко Митиќ.

Шекуларац постхумно добива огромна чест од Црвена Звезда поради фактот што важеше за „крал на дриблинзите“ на овие простори, но и поради фудбалската страст за која клубот вели дека не можела да се пронајде кај ниту еден друг играч во историјата.
Драгослав Шекуларац е роден во Штип на 8-ноември 1937-ма година и во својата кариера 369 пати го носеше дресот на Звезда, но покрај 115-те постигнати гола и осумте освоени титули, најголем епитет за легендарниот Шекуларац е тоа што важи за еден од најдобрите играчи во историјата на „црвено-белите“. Популарниот Шеки исто така пред неколку години доби споменик во негова чест во родниот Штип.

Споменикот кој денеска беше претставен на Маракана е изработен од Ливница Јеремиќ, но станува збор за дело на академскиот вајар и познат звездаш, Томо Коматина.

