За прв пат во историјата на најстарото фудбалско натпреварување, ФА Купот, во финалето ќе играат два клуба од Манчестер. На 3 јуни за трофејот ќе се борат Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити.
Денес, во полуфиналниот натпревар, „црвените ѓаволи“ го елиминираа Брајтон (7:6) во пенал серијата, додека регуларното време заврши нерешено со резултат 0:0. Ден претходно, пласман во финалето обезбеди Манчестер Сити предводен од Пеп Гвардиола, кој го совлада Шефилд Јунајтед со резултат 3:0, Ријад Махрез постигна хет-трик.
Актуелен носител на трофејот е Ливерпул. Во пенал рулетот минатата година го победија Челзи (регуларното време на натпреварот заврши со резултат 0:0).
Да потсетиме дека апсолутен рекордер по бројот на освоени трофеи во ФА Купот е лондонскиот Арсенал (14), Манчестер Јунајтед е на второто место (12), Манчестер Сити има само шест пехари во ова натпреварување.