Штипска Брегалница изминатава сезона со освоеното 5. место во ПМФЛ го запиша најдобриот резултат во последните 25 години лигашки настапи на клубот. „Сините“ уште само во сезоната 2011/12 во последните 25 години успеале да дојдат до петтата позиција на табелата.
Сето тоа, секако носи нескриен позитивен впечаток за тимот на Горан Здравков кој, освртувајќи се на периодот откако го презеде тимот на почетокот од оваа година, не го крие задоволството од впечатоците од пролетниот дел од сезоната.
„Може слободно да кажеме, кога се ќе се сумира, дека имавме успешна сезона како клуб. Зборувам тука за целокупната сезона, а не само откако јас го презедов кормилото на тимот, затоа што петтото место во најсилната лига во Македонија сигурно е добар момент и како мотив плус за се што не очекува понатаму низ настапите во елитното друштво следната сезона“, вели Здравков.
Тимот веќе го напуштија пет фудбалери Даниел Мојсов, Милан Ѓокиќ, Александер Борха Кордоба, Адис Хаџановиќ и Дарко Додев на кои им завршија договорите, а Здравков најавува нови засилувања.
„Секако, ќе има засилувања. Имаме свои планови и амбиции и веќе се почнати одредени разговори за засилувања. Но, мора да кажам дека најпрво целиот фокус ќе ни биде на актуелните фудбалери кои дадоа се од себе за тимот оваа сезона“.