Португалскиот стручњак Жорже Жесус е новиот тренер на Ал Наср од Саудиска Арабија, каде што игра суперѕвездата Кристијано Роналдо. Веста официјално ја објави клубот.
69-годишниот Жесус го заменува Стефано Пиоли, кој претходно беше отпуштен од Ал Наср.
Последниот клуб на Жесус беше локалниот ривал Ал Хилал, од кој тој си замина во мај оваа година. Под негово водство, Ал Хилал заврши втор во саудиското првенство минатата сезона, додека Ал Наср заврши трет на табелата.
Новиот тренер на Ал-Наср, Жорже Жесус, го коментираше неговото назначување на оваа позиција и зборуваше за неговиот однос со напаѓачот Кристијано Роналдо.
„Обожавам да бидам во Саудиска Арабија, тоа е земјата на иднината, не само во фудбалот. Многу сум среќен што се враќам. Секогаш сум бил среќен тука. Секогаш сум победувал и ќе се обидам повторно да го направам тоа. Без поканата на Роналдо, немаше да дојдам овде. Кристијано е играч кој освоил сè каде и да играл, но сè уште не во Саудиска Арабија. Да видиме дали можам да му помогнам во тоа оваа година. Зборуваме на ист јазик, сè ќе биде лесно. Не можев да го одбијам предизвикот што ми го даде Кристијано“, изјави Жесус за „А Бола“.

