На денешен ден, 6 ноември 1996 година, МЗТ Скопје ја оствари веројатно најголемата победа во историјата на македонската клупска кошарка. Пред точно 30 години, во старата сала „Јане Сандански“, популарната „Лименка“, скопскиот тим го совлада европскиот гигант Реал Мадрид со 69:68, во натпревар од групната фаза на ФИБА-европското клупско натпреварување, познато како Купот „Рајмундо Сапорта“.
Тоа беше победа над екипа која ја предводеше легендарниот Жељко Обрадовиќ, а во чиј состав настапуваше и еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња – Дејан Бодирога.
Кога се чинеше дека Реал Мадрид ќе се извлече од Скопје, се случи моментот кој засекогаш ќе остане запаметен. На само три секунди пред крајот, Перо Блажевски застана на линијата за слободни фрлања. МЗТ имаше можност да го сврти резултатот и да дојде до победа.
Блажевски ги погоди двете слободни фрлања за конечни 69:68!
Коментаторот Љубомир Николовски во тие моменти ја изговори реченицата која стана дел од македонската спортска историја: „Тишина е потребна!“
Целата сала замолкна, Блажевски беше прецизен, а потоа следуваше експлозија од радост. Во последниот напад на Реал, шпанскиот тим не успеа да ја искористи последната можност.

