Репрезентацијата на Франција го совлада Египет со 34:33 и обезбеди полуфинале на Светското првенство што се реализира во Хрватска, Данска и Норвешка.
„Триколорите“ влегоа како големи фаворити на хартија но, се измачија со „фароните“ буквално до последната секунда. Тогаш Карабатиќ со гол од брз-центар го постави конечниот резултат и ги однесе Французите во наредната елиминациска фаза. Дика Мем и Ремил Недим постигнаа по 6 голови во победничкиот состав додека кај Египет се издвои Ахмед Хешам со 8 погодоци.
Франција во полуфиналето ќе излезе на мегдан со Хрватска која денеска славеше против Унгарија со 31 спрема 30. Meчот ќе биде одигран в четврток во 20:30 часот во Арената во Загреб.

