Во очекување на најголемиот атлетски настап оваа година, Светското првенство во Токио кое ќе започне на 13 септември, од 1 септември оваа година ќе почнат да важат нови правила во женска конкуренција, кои вклучуваат еднократен тест за утврдување на полот.
Како што објавија од Светската атлетика станува збор за забрзан тест кој ќе се спроведува преку земање брис од образ за сите учеснички и забрана за учество на трансродови спортисти кои имаат разлики во сексуалниот хормонален развој.
Ова ќе биде 20-то Светско првенство во атлетика на отворено, кое се одржува секоја втора година во непарните години од 1993 година. Првото се одржа во 1983 година во Хелсинки. Датумот на почеток на шампионатот, 13 септември е вториот најдоцнежен датум за старт на ова натпреварување во историјата, по Доха каде во 2019 првенството почна дури на 27 септември.
На ова СП ќе има вкупно 49 дисциплини на кои ќе бидат доделени исто толку медали. Од нив 24 во машка и 24 во женска конкуренција, но ќе има медали и во една мешана штафета 4х400 метри.

