Рекордните температури и влажност на воздухот ги натераа организаторите на Светското првенство во атлетика да го поместат времето на почеток на трките во одење и маратон овој викенд за 30 минути, односно во 7:30 часот наутро по локално време, во обид да се справат со жештината во Токио.
Како и многу земји, Јапонија е погодена од екстремни временски услови оваа година, при што просечната температура во Токио досега овој месец достигна 33 степени целзиусови, и на пат да постави септемвриски рекорд.
Минатиот месец, повеќе од 3.300 луѓе беа однесени во болница поради топлотен удар во јапонската престолнина, според градската противпожарна служба.
„Иако Светското првенство е закажано за средината на септември, кога се очекуваше температурите во Токио да бидат поладни отколку во лето, нивото на температурите за овој период останаа слични на средината на летото“, се вели во соопштението на локалниот организациски комитет, наведувајќи ги ризиците по здравјето и безбедноста како причина за одлуката.
Од денес, во Токио се очекуваат максимални температури од 31-34°C во текот на тридневниот викенд, кога 35-километарската трка за одење и маратонот првично беа закажани да започнат во 8 часот наутро. Се очекува влажноста да биде 75% во сабота.
Маратонот ќе има 185 станици за хидратација по должината на патеката, повеќе од планираното за Олимписките игри во Токио во 2021 година.
На други места за време на Светското првенство, кое започнува во сабота, ќе бидат поставени шатори направени од специјални ткаенини за ладење за спортистите и гледачите околу стадионот и просторот за загревање за борба против топлината, соопштија организаторите.

