Според информацијата која ја објави „Моцарт Спорт“, трофејниот тренер на Партизан, Жељко Обрадовиќ, по серијата разочарувачки резултати ја понудил својата оставка, потег кој одекна во јавноста и кој може да доведе до најголемата тренерска промена во клубот во последните години.
Иако љубовта на навивачите кон Обрадовиќ кој ја напиша најславната европска тренерска историја е безрезервна, Обрадовиќ знае дека емоциите не носат победи, а во моментите кога тимот во Евролигата загуби на седум од последните осум натпревари, тој решил да ја преземе целата одговорност.
Сега сè зависи од управата на клубот, која ќе одржи средба со искусниот стратег за да се утврди дали оставката ќе значи и дефинитивен крај на неговиот втор мандат на клупата на Партизан или ќе се бара начин за продолжување на соработката. Несомнено е дека екипата во последните недели игра далеку под очекувањата, но исто така останува и фактот дека харизмата, искуството и лидерството на Обрадовиќ се практично незаменливи.
Претходно клубот се обиде да ја разбуди екипата со одредени кадровски потреси и ротации, но како што стојат работите, Обрадовиќ овојпат самиот го понуди својот мандат како можност управата да повлече нова, поригорозна линија. Сега одборот предводен од Остоја Мијаловиќ се соочува со тешка одлука: дали да го прифати заминувањето на човекот кој успеа да го врати духот на тимот, полните трибини и препознатливата енергија во клубот по долги, тешки години или да се обиде да го задржи и заедно со него да продолжи во потрага по решенија за кризата на теренот.
Одговорот на ова прашање се очекува најдоцна до утре, а исходот ќе биде еден од најважните моменти во новата историја на Партизан..

