Ракометниот клуб Алкалоид го започна подготовките за вториот дел од сезоната во Суперлигата на Македонија. Овој клуб веројатно последен во мак-ракометот почна со припремите поради репрезентативните обврски на најголемиот дел од играчите.
Тренерот Кирил Лазаров на располагање на тренинг ги има сите ракометари.
„Веќе ни е позната ситуацијата по големи натпреварувања да се вратиме на клупски обврски и да го фатиме овој начин на работа. Имаме голем број на репрезентативци, тие се веќе во некоја оптимална форма и како што реков, знаеме каков е процесот за надоврзување од репрезентативен на клупски план. Се подготвуваме за тоа што не очекува, крајот на регуларниот дел од сезоната и почетокот на плеј-офот. Задоволен сум од состојбата на ракометарите кои останаа овде и ги одработуваа зимските подготовки заедно со кондицискиот тренер.
Репрезентативците што беа на ЕП здравствено се добро, што е многу важно. Тие што играа повеќе се во подобра форма, со другите работиме повеќе. Имаме максимален увид и знаме што треба да одработиме до почетокот на продолжението на првенството. Немаме време за посебни подготовки, имаме само уште една недела до стартот, работиме на техничко тактичка подготовка.
Филип Николов е ново име во тимот. Квалитетен македонски ракометар на добра возраст. Мислам дека со неговиот начин на игра ќе придонесе да бидеме поцврсти и поборбени, посебно во дефанзивата и очекувам со неговото присуство да бидеме пет до десет проценти поквалитетни во секој сегмент. Тоа е единствената измена, Михаил Иваноски замина во Словенија, на неговата позиција дојде Николов“, изјави Лазаров.
Во втората полусезона Алкалоид влегува со заостанок од пет бода зад лидерот во првенството Вардар, еден зад Еурофарм Пелистер, а израмнет со Охрид.

