Големото македонско кошаркарско дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички ќе се одигра утре во „Јане Сандански“, а во увертирата за тоа што следи во мак-баскетот, капитенот на „центарци“ упати јавен повик до фановите да пристигна во што поголем број во Аеродром.
Работнички е перфектен и има учинок од шест победи на исто толку одиграни натпревари и во најдобро можно расположение оди кај МЗТ, кој пак е второпласиран со биланс од пет победи и еден пораз.
Поради зголемените тензии и неодамнешните навивачки инциденти во населбата Аеродром кон крајот на октомври, организаторот и двата клуба воведоа посебни безбедносни протоколи за овој натпревар, но Ефремовски верува дека навивачите мора да бидат составен дел од најголемото дерби во македонската кошарка.
– Пред нас е дерби против МЗТ. Не чека тежок натпревар, но веруваме во нашиот тим. Ќе се бориме за секоја топка, за секој поен и ќе дадеме се од себе во текот на целиот натпревар.
– Ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број, бидејќи вашата поддршка е многу важна. Заедно сме посилни, – гласи апелот на Ефремовски.
Вечното дерби меѓу МЗТ и Работнички е закажано за утревечер во „Јане Сандански“ со почеток од 19:00 часот.

