По настапот и убедливиот пораз во Лигата на Шампионите против Спортинг во Лисабон, ракометарите на Металургги очекува враќање на обврските во регионалната СЕХА лига. Следна задача за ракометарите и тренерот на Металург Данило Брестовац ќе биде босанскиот шампион Извиѓач.
Помошниот тренер во Металург, Оливер Димитриоски, очекува позитивен резултат, и покрај тоа што истакнува дека резултатот не е во преден план.
„Во среда не очекува меч со Извиѓач, тим кој загуби три натпревари. Се надевам дека ситуацијата со повредени играчи ќе се смени и конечно ќе имаме поголем избор во ростерот. Под знак прашалник ќе бидат Јагуриновски и Велковски. Се надевам на позитивен резултат, иако тоа не ни е во преден план, наша задача е создавање на тим кој ќе може да ги даде резултатите за неколку години”, изјави Димитриоски.
Младиот ракометар Милан Лазаревски истакна дека убедливиот пораз во Лисабон им паднал тешко, но вели дека фаворитската улога на овој дуел е на страната на Металург.
„Уште на почетокот на сезоната не затекнаа голем број повреди. Се враќаме по поразот од Лигата на шампионите, кој тешко можам да го преболам. Кратката клупа е кобна на секој ме. Тактички добро се подготвуваме, но физички не издржуваме. Малиот број на играчи во ротација не треба да биде оправдување, и покрај тешките околности треба да направиме нешто повеќе да покажеме дека вредиме. Против Извиѓач ја гледам нашата шансата за прва победа оваа сезона. Победата ќе биде важна за подигување на самодовербата во екипата, убеден сум дека ќе го запишеме првиот триумф во СЕХА лигата“, истакна Лазаревски.
Дуелот меѓу Металург и Извиѓач се игра в среда во ВИП Арената на СЦ„ Борис Трајковски“ со почеток во 20:45 минути.