Еден од младите репрезентативци на Македонија, Димитар Димитриоски (21) е нов член на РК Вардар. Левото крило потпиша двегодишен договор со „црвено-црните” и ќе му прави друштво на Тимур Дибиров во новата сезона.
Со доаѓањето на Димитриоски клубот продолжи со засилувањето и подмладувањето на тимот во одбрана на европската титула.
Димитар Димитриоски, е млад, но сепак со веќе акумулирано искуство со настапите во регионалната СЕХА лига и во Лиигата на шампионите за екипата на Металург. Тој веќе е на списокот на сениорската репрезентација на Македонија, а играше во квалификациите за ЕП 2020 година. Ги помина и сите младински селекции во репрезентацијата, покажувајќи дека е подготвен и за поголеми спортски успеси.
„Вардар секогаш сакал во своите редови да има млади, перспективни и неафирмирани ракометари. Тимот им дава шанса за напредување и за покажување на својот квалитет. Димитриоски не е само талентиран туку и квалитетен играч. Младоста е негова предност, и очекуваме истата посветеност со која и досега играше да биде негова препознатливост. Вардар ќе му даде шанса, и очекуваме дека истата ќе ја искористи. Пред клубот се нови предизвици и со новите сили заеднички да продолжиме со добрите настапи”, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.
Сезонава со својот клуб Металург го освои Купот на Македонија, а играше и во СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Димитриоски беше планиран за настап и на последното СП 2019 година, но поради повреда на последниот тренинг пред тргнување отпадна од комбинација за настап.