Европскиот и македонски ракометен шампион Вардар е повторно поразен на натпревар од Лигата на шампионите на гостински терен против Киелце и тоа убедливо со 35:25.
Вардар во Полска отпатува со многу проблеми, посебно во бековската позиција, каде го немаа Даинис Кристопанс, додека Кристијан Дисингер беше даелу од можноста да даде максимум. Киелце не дозволи изненадување и во текот на целиот натпревар имаше предност која на одмор изнесуваше +3, односно 17:14.
Во вториот дел домашната екипа само ја надградуваше предноста која во 50 минута беше 28:21, за да имаат и +11 на една минута до крај. Сепак Вардар успеа да постигне уште еден гол и да го заврши натпреварот со 35:25.
Најдобри кај победничката екипа беа Карачиќ и Каралек со по шест гола, додека Волф имаше 13 одбрани, а кај Вардар, Дибиров заврши со осум гола, Скубе постигна шест, а Стоилов пет гола.
Следниот натпревар кој Вардар го игра во Лигата на шампионите е повторно на гостински терен и тоа во Белорусија кај Мешков Брест, тоа всушност ќе биде последен европски меч за 2019 година.

