Еден од оние кои дојдоа во Вардар ова лето е Гоце Георгиевски, репрезентативното крило на Македонија и на Вардар говореше пред Ф4-турнирот во СЕХА-лигата и полуфиналето со Загреб и истакна дека слабиот старт не мора ништо да значи затоа што сепак е само старт на сезоната која ќе биде долга за сите екипи.
„Оваа сезона ќе имаме што да кажеме, овој слаб старт не мора ништо да значи, сезоната е долга. Треба време да се наместат коцките, имаме искусни и млади играчи и мислам дека тоа може да се вклопи и да направиме добар резултат. Реално ние сме еден нов тим, со многу нови играчи меѓу кои сум и јас. Има уште многу натпревари, важно е за тимот ние да играме што е можно покомпактно. Мислам дека ни треба време и како одминува мислам дека играме подобро. Имавме малку среќа со Нексе и сега имаме шанса со Загреб на фајнл-фор турнирот во СЕХА да потврдиме дека можеме подобро. Тоа е добро познат противник, бидејќи Вардар секоја година игра со Загреб по неколку натпревари. И тие се исто така релативно нова екипа, имаат нов тренер, млада екипа. Очекувам тежок натпревар и голема борба“, изјави Георгиевски.
Вардар ќе ја брани титулата во СЕХА-лигата на Ф4-турнирот во Задар, а нашиот шампион е рекордер по бројот на настапи на завршниците затоа што има вкупно девет, односно секогхаш играл на Ф4 турнирот од СЕХА лигата.

