Возачот на Алфа Таури, Пјер Гасли стигна до првиот триумф во кариерата, откако денеска изненадувачки победи на трката за ГН на Италија, осма трка од годинашниот шампионат во Формула 1.
На тој начин, Гасли стана 109-ти победник во историјата на Формула 1, и 13-тиот Французин кој се нашиол на највисокото скалило на подиумот. Претходната победа под француско знаме ја забележа Оливие Пани во 1996 година на Гран при на Монако.
Интересно е што Гасли му го донесе на својот тим вториот триумф во историјата, 12 години откако Себастијан Фетел исто така стигна до деби победа во Монца за тимот што тогаш се викаше Торо Росо. Трката ја одбележа и голема грешка на возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон. Британецот го задржа водството од самиот почеток, така што безбедносното возило излезе на патеката во 20-от круг, бидејќи Кевин Магнусен запре покрај влезот на ложата. Поради тоа, влезот во пит-стопот беше затворен, но и покрај тоа, Хамилтон тргна да ги менува гумите, за што доби казна од 10 секунди.
Второто место му припадна на Сајнц на Мекларен, а трет на подиумот се искачи Строл на Рејсинг Поинт. Хамилтон на крајот заврши како 7., додека неговиот клупски колега Ботас беше на 5. место.