Норвежанецот Јоханес Дејл ја оствари првата победа во кариерата во Светскиот куп во биатлон откако го освои спринтот на 10 километри во австрискиот зимски центар Хохфилзен. 23-годишниот Дејл пукаше без грешка и помина патеката за 23:32,5 минути.
Веднаш зад него се сместија Французите, Квентин Фијон-Меј и Фабиен Клод. Победникот во Светскиот куп во последните две сезони, Јоханес Тингес Бјо од Норвешка, остана на четвртото место.
По досегашните 5 трки во светското рангирање, води Тингес Бјо со 253 поени, пред Себастијан Самуелсон (Шведска) со 215 и Холм Лагреид (Норвешка) со 177 поени. Утре во Хохфилзен ќе има штафетна трка на 6 км за жени и трка на 12,5 км за мажи.

