Серхио Перез потпиша договор со тимот на Ред Бул и ќе биде совозач на Макс Верстапен во 2021 година, објавија германските медиуми кои ја следат Формула 1.
Според истите, официјалната потврда за зделката се очекува во текот на денот. Мексиканецот остана без возачко место за следната година, откако неговиот сегашен тим Расинг Поинт избра да го привлече четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел, иако Перез имаше важечки договор до крајот на 2022 година. Бидејќи оваа вест беше објавена дури во септември, кога веќе беа зафатени повеќето потенцијални опции за Перез, тој по трката за ГН на Бахреин објави дека ако не потпише со Ред Бул, ќе земе пауза од една година.
Потоа следуваше неговата победа на ГП на Сахир, со што собра 125 поени и го обезбеди четвртото место во поредокот на возачи. Настапот на Мексиканецот е уште поимпресивен со оглед на тоа што тој ги пропушти двете трки во Силверстоун во август поради позитивен тест за коронавирус.

