Фановите од странство нема да можат да присуствуваат на Олимписките игри во Токио, изјавија претставниците на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и Јапонија.
Одлуката беше објавена по состанокот преку Интернет на претставниците на Меѓународниот олимписки комитет, јапонската влада, раководството на Токио, Меѓународниот параолимписки комитет и локалните организатори.
За овој очекуван потег се зборува веќе неколку месеци. Официјални лица изјавија дека има премногу ризик за примање на сопственици на билети од странство за време на пандемијата, на што остро се спротивставуваше јапонската јавност. Јапонија забележа околу 8.800 смртни случаи позитивни на коронавирус и го контролираше вирусот подобро од повеќето земји.
„Со цел да им се овозможи на имателите на билети кои живеат во странство да ги прилагодат своите планови за патувања во оваа фаза, претставниците на Јапонија заклучија дека нема да можат да влезат во Јапонија за време на Олимписките и Параолимписките игри“, соопшти Организацискиот комитет во Токио.
Продадени се околу милион билети на навивачи од странство. Организаторите ветија враќање на средствата, но деталите ќе ги утврдат овластени продавачи на билети кои продаваат надвор од Јапонија. Тие наплатуваат провизија до 20 проценти на цените на билетите, а не е јасно дали таа ќе биде вратена.
Олимписките игри во Токио се закажани за периодот од 23 јули до 8 август, а потоа следуваат параолимписките игри од 24 август до 5 септември. Станува збор за Олимпијадата што требаше да се одржи минатата година, но беше одложена поради пандемијата.

