Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен е победник на трката за ГН на Италија која оваа сезона се возеше на патеката „Имола“ и го носеше името ГН на Емилија Ромања.
Макс Верстапен беше во водство во најголемиот дел од трката, иако не стартуваше од пол-позицијата. Верстапен успеа да ги помине Луис Хамилтон и Серхио Перез на стартот и ја презеде водечката позиција. Трката изобилуваше со многу возбудувања, посебно во моментите кога имаше судир на Расел и Ботас, а за среќа двајцата возачи поминаа без последици. Исто така во 31. круг, Луис Хамилтон се удри во заштитниот ѕид, меѓутоа успеа да продолжи и на крајот да дојде до второто место.
Третото место на денешната трка му припадна на Ландо Норис од Мекларен, а потоа следуваа двата болида на Ферари, со Чарлс Леклерк и Карлос Сајнц. Бодови уште освоија и Даниел Рикардо, Ленс Строл, Пјер Гасли, Кими Раиконен и Естебан Окон.
Следната трка од Ф1 шампионатот се вози на 2 мај во Португалија.

