Завршен ден на Евробаскетот кој треба да ни го даде новиот шампион на Европа. Шпанија и Франција останаа до самиот крај и во денешното финале ќе се надигруваат за освојување на европската титула. Французите во полуфиналето убедливо ја поразија Полска, а тимот на Шпанија ја надигра домашната репрезентација на Германија.
Шпанија ја докажа својата доминација во текот на изминатите години, победи на три од последните пет изданија на континенталниот собир. Тоа е показател за добрата работа и стратегија која им овозможува да владејат во европската репрезентативна кошарка. Ова е реприза на финалето од пред единаесет години. Тогаш Шпанија го доби дуелот со Франција и стигна до европското злато.
Според обложувалниците благ фаворит е Франција која има поголем ростер. Но, никој нема да ја отпише Шпанија, која и со изменет состав покажува дека заслужува да биде на врвот. Како предигра на финалето кое се игра во Берлин од 20.30 часот, Германија и Полска ќе се играат за бронзата (17:15 часот).