Женската ракометна репрезентација на Македонија повторно ќе биде дел од европскиот ракометен крем. Нашите девојки вечерва го започнуваат настапот на Европското првенство, на кое токму Македонија е еден од организаторите.
Младите избранички на селекторто Љубомир Савевски првата средба на ова ЕП ја играат против моќната селекција на Франција, а потоа ги чека дуели со Холандија и Романија. На сите им е јасно дека патот до следна фаза ќе биде претежок, но секако дека овие три натпревари ќе бидат од големо значење за младите девојки.
Франција е голем фаворит, не само на вечерашната средба, туку и за првата позиција во оваа групна фаза. Французинките се многу мотивирани за да дојдат до златниот медал на ова ЕП, а за тоа најнапред треба да го освојат првото место во нашата група. Досега Македонија и Франција имаат одиграно пет натпревари, но последниот е пред точно десет години. Имаме само една победа, а на последното соочување доживеавме дебакл и пораз од тринаесет разлика (29:16).
Вечерва играме со Франција од 18.00 часот, а нашата селекција потоа ја очекуваат средбите со Холандија (понеделник) и Романија (среда).