Кошаркарите на Мајами синоќа по продолжение го победија тимот на Шарлот со 117:112, со што му го нанесоа седмиот пораз по ред на гостинскиот тим. Најдобар учинок во домашниот тим имаше Џими Батлер со 35 поени, 10 скока и осум асистенции, а Бем Адебајо имаше дабл-дабл со 18 поени и 14 скока.
За тимот од Флорида ова беше јубилеен 3000-ти натпревар во НБА лигата, а досега имаат остварено 1.585 победи и 1.415 порази.
Атланта на свој терен ја совлада Филаделфија со 104:95. Домашните го решија мечот со серија од 12:0 на крајот од третата четвртина кога дојдоа до водство од 80:66. Во продолжение поведоа и со 94:74, а до крајот на натпреварот гостите само ја намалија разликата.
Треј Јанг ја предводеше Атланта до победата со 26 поени и седум асистенции. Дабл-дабл кај гостинскиот тим оствари Џоел Ембид со 26 поени и 13 скока.
Вашингтон на домашен терен го победи Далас со 113:105. Домашниот тим ослабен без повредените Кристапс Порзингис и Бредли Бил, кој поради болест беше надвор од терените, на крајот дојде до убедлив триумф.
Кајл Кузма постигна 36 поени за Вашингтон, со 11 скока и шест асистенции, Руи Хачимура додаде 23 поени. Спенсер Динвиди беше најефикасен кај Далас со 33 поени, а Лука Дончиќ втор меч по ред имаше помалку од 30 поени (22), со девет скока и шест асистенции. Далас има скор од шест победи и пет порази.
Во последниот меч Портланд беше подобар од Њу Орлеанс на гости со 106:95.