Меѓународниот олимписки комитет е во исклучително деликатна позиција во последните недели поради зголемениот притисок од Западот и Украина да им се забрани на руските и белоруските натпреварувачи да учествуваат на Олимписките игри во Париз следната година.
На неодамнешниот состанок во Каунас, Литванија, 35 земји кои учествуваа на состанокот на чело со најголемите сили, се согласија дека поради руската инвазија на Украина, руските и белоруските спортисти ќе мора да добијатз абрана за учеството на најголемиот спортски настан.
ИОК, сепак, не сака да донесе одлука под притисок, сака само преговори кои би довеле до најдобро решение, а најдобро решение може да биде само учеството на сите спортисти без никакви исклучувања, како што диктираат и олимписките принципи.
Првиот човек на ИОК, Томас Бах, имаше подготвен одговор на одредени изјави дека ИОК би бил на „погрешната страна на историјата“ доколку им дозволи на Русите и Белорусите да учествуваат во Париз.
„Не, историјата ќе покаже кој направил повеќе за мирот. Оние кои се обидуваат да ги остават отворените линии, да комуницираат или оние кои сакаат да се изолираат и поделат“, јасен е германскиот адвокат на чело на олимпиското движење.
„Сето тоа за кое зборувам со голем успех го покажавме во текот на историјата на олимпиското движење“, додаде Бах, алудирајќи на примерите на Северна и Јужна Кореја, Израел и Палестина, но и Косово.