Одбојкарската репрезентација на Полска која ќе биде еден од противниците на Македонија на престојното Европско првенство во Скопје за првпат ја освои Лигата на нации. Синоќа во големото финале на завршниот турнир во Гдањск, во фантастична атмосфера, тимот предводен од српскиот стратег Никола Грбиќ во мечот за титулата ја совлада селекцијата на САД со 3:1 (25:23, 24:26, 25:18, 25:18).
Ова е четврти медал за Полска во Лигата на нации и прво злато по едно сребро и две бронзи кои ги имаа досега. Од друга страна, САД сега имаат три сребрени и еден бронзен медал.
Бронзата ја освои Јапонија откако во мечот за 3. место ја победи Италија со 3:1 во сетови.