Шпанката Марија Перез го освои златото на трката на 20 километри брзо одење на СП во Будимпешта, додека Австралијката Џемима Монтаг го освои среброто, а Италијанката Антонела Палмисано бронзата.
Перез се одлепи од групата на околу 5 километри пред крајот на трката и целта ја мина за еден час 26 минути и 51 секунда. Монтаг ја мина целта 25 секунди подоцна, додека времето на олимписката шампионка Палмисано беше 1:27:26.
Ова е прва титула светски шампион за 27-годишната шпанска атлетичарка, која на тој начин му се придружи на својот сонародник Алваро Мартин кој во саботата славеше во машка конкуренција на отворањето на шампионатот.