Трката од Формула 1 шампионатот во Лас Вегас ги оправда очекувањата, како на трибините, така и на самата патека каде имаше одлични битки за секоја позиција. Што се однесува до прашањето на победникот, повторни немаше дилеми, Макс Верстапен ја запиша 18 сезонска победа. Со тоа Холанѓанецот се израмни и со Себастијан Фетел со 53 пласмани на највисокото место на подиумот.
Верстапен стартуваше од втората позиција, меѓутоа веднаш го презеде водството на Леклер. Сепак, за тоа заработи казна, а уште пред влегувањето во бокс возачот на Ферари се врати во водство. Изгледаше сè идеално за Шарл Леклер, но со второто влегување на безбедносното возило работите се сменија. Со тоа двоецот на Ред Бул профитираше и се врати во трката, а возачот на Ферари не успеа да де бврати на врвот. По крајот на трката шампионот Верстапен доби „подарок“ од својот тим и во слушалките ја доби „Вива Лас Вегас“ од Елвис Присли, а тој го запеа рефренот.
Во битката за втората позиција во фото-финиш се радуваше Леклер, кој на неколку свиоци пред крај го помина Серхио Перез, за да дојде барем до второто место. Феноменален пласман на четвртото и петтото место забележаа Естебан Окон од Алпин и Ленс Строл од Астон Мартин. Потоа во топ десет следеа Карлос Саинц и Луис Хамилтон, како и Расел кој беше казнет, пред Алонсо и Пиастри.
Во пресрет на последната трка следниот викенд во Абу Даби нема дилеми за врвот, но има за второто место во конкуренција на конструктори, бидејќи Мерцедес ќе брани само четири бода предност пред Ферари.