Репрезентацијата на Македонија го доживеа и вториот пораз на Европското првенство, овојпат од домаќинот Германија со 34:25. Дуелот кој се одигра во „Мерцедес-Бенц Арената“ мина во знакот на фаворитот, а нашиот национален тим имаше свои минути само во првиот дел од натпреварот, меѓутоа не можеше да му парира на разиграната селекција на Германија која беше бодена од 13.500 гледачи кои беа задоволни од оваа победа на својот национален тим.
На средбата со новинарите, своја анализа на натпреварот даде Кирил Лазаров. Предводникот на нашата репрезентација смета дека тимот направил премногу технички грешки и имавме премногу подарени топки, директно во рацете на противникот.
„Не можам да кажам дека сум задоволен, имавме некои добри моменти, но тоа не е доволно за натпревар против ваков ривал. Повеќе од петнаесет технички грешки, продадени топки, подарени во рака, тоа е недозволиво. Германија нѐ казни, беа пресилни, но ние се боревме колку што можевме. Лошо го започнавме мечот и потоа немавме шанса да им се доближиме.
Мислам дека Германците во моментов се класа подобри од нас, тоа е евидентно, видовте како се движат, трчаат, шутираат. Имаме многу млади играчи , но не е реално во овој момент да се надеваме на победа против овие ривали. Ќе пробаме да ги средиме емоциите, да одмориме и ќе се обидеме против Швајцарија, иако видовме каков резултат извлекоа со Франција“, изјави Лазаров.
Утре нашите ракометари ќе имаат ден за одмор и подготовка за последниот натпревар од групата, во вторник против Швајцарија од 18 часот.

