Македонските ракометари се подготвуваат за последниот натпревар од Европското првенство, а овој пат противник ќе биде селекцијата на Швајцарија.
Нашите ракометари не успеаја да изненадат во дуелите со големите фаворити Франција и Германија, но ќе се обидат да дојдат до премиерен триумф против Швајцарија, а во тоа верува и репрезентативниот голман, Никола Митревски.
„Ги оставаме зад нас средбите со Франција и Германија, сега се концентрираме на Швајцарија, почнуваме од 0:0. Се подготвуваме за победа. Знаеме какви сили има ривалот, имавме исто време за одмор и анализа. Мора да промениме многу нешта од претходните мечеви, но верувам дека можеме многу повеќе да се „носиме“ со Швајцарците, отколку со другите тимови во групата.
Тешко е да се браниме кога не функционираме како што треба. Мислам дека не сме толку лошо во играта „шест на шест“, но проблемот е во враќањето назад. Не треба да гледаме во историјата, фактот што не сме победиле во последното коло, не треба да претставува некаква бариера. Третото место во групата може да донесе подобар бараж-противник за следните квалификации, така што, би сакал да завршиме со победа“, изјави Митревски.
Последниот натпревар од групната фаза против Швајцарија ќе го играме утре, 16 јануари, со почетокот во 18:00 часот.

