Ракометната репрезентација на Македонија вечерва гостува кај Фарски Острови во првиот бараж меч во битката за место на следното Светско првенство кое ќе се игра во Хрватска, Норвешка и Данска. Оваа ракометна мисија на нашите репрезентативци нема да биде лесна, ждрепката ни даде ривал кој е во сериозен подем, но за да го задржиме континуитетот на настапи на големите собири мора да го добиеме овој двомеч. Нашата репрезентација има континуитет со настапи на големите натпреварувања од 2012 година и е редовен учесник на Европските и Светските првенства, а тој континуитет мора да продолжи за доброто на ракометот во нашата земја.
Нашите ракометари од вчера се во Торшавн, каде што одржа и еден тренинг во салата „Хилин а Халси“. Се работи за мал спортски објект кој собира околу 1.000 гледачи и се очекува да биде полн за дуелот со Македонија, а тоа ќе биде предизвик повеќе за нашите ракометари.
Што се однесува до репрезентацијата на Фарските Острови, оваа селекција на претходниот Европски шампионат беше вистинско освежување. Иако не ја минаа групата, тие имаа одличен настап против Словенија и Норвешка.
Главни играчи во оваа селекција се Елиас Елефсен а Скипаготу кој игра за Кил, тука е и Хакун Вест Ав Теигум од Фуксе Берлин, а поголемиот дел од тимот настапува во првенствата во Скандинавија. Ова значи дека нашата репрезентација ќе има против себе одличен тим на овој двомеч.
Македонските репрезентативци знаеле досега на гостински терен да одиграат одлично и да забележат победа иако за оваа средба букмејкерите му даваат предност на домашниот тим. Сепак важно е на првата средба да се одигра добро и да се оствари добар резултат пред реваншот во Скопје.
ЕХФ се одлучи за оваа средба да делегира женски судиски, се работи за Мајке Мерц и Тања Кутлер од Германија.
Натпреварот во „Холин а Халси“ се игра вечерва во терминот од 20:00 часот, додека реваншот е в недела (12.мај) во СЦ „Борис Трајковски“ во 19:00.