Кошаркарите на Далас и Кливленд изедначија на 1:1 во вториот круг од плеј-офот во НБА лигата. Маверикс синоќа славеа против Оклахома во полуфиналето од плејофот на Западната конференција во НБА лигата со 119:110 и дојдоа до првата победа.
До победа, Далас беше предводен од Лука Дончиќ со 29 поени, 10 скока и седум асистенции и Пи Џеј Вашингтон со 29 поени, 11 скока и четири асистенции. Тим Хардавеј додаде 17 поени, а Даниел Гафорд 13 поени и седум скока.
Кајри Ирвинг немаше своја вечер, па мечот го заврши со само 9 поени. Во тимот на Оклахома, кој го претрпе првиот пораз во плеј-офот сезонава, најефикасен беше Шеј Гилџес-Александер со 33 поени.
Кошаркарите на Кливленд израмнија на 1:1 против Бостон во полуфиналето од плејофот на Источната конференција, откако победија изненадувачки убедливо со 118:94.
Донован Мичел ги предводеше Кавалирс со 29 поени, осум асистенции и седум скока. Еван Мобли додаде 21 поен, 10 скока и пет асистенции. Во тимот на Бостон Џејсон Тејтум постигна 25 поени, а Џејлен Браун 19.