Македонската ракометна репрезентација ги прави последните подготовки пред стартниот натпревар на своето деветто Светско првенство во историјата, второ кое ќе брои 32 репрезентации.
Низ досегашната историја Македонија била дел од осум Мундијали. Првото учество го имавме во 1999 година во Египет, кога го освоивме осумнаесеттото место. Пред две години на шампионатот во Полска и Шведска, Македонија одигра првенство каде го освои 27 место со три победи и четири порази.
По нашето деби следуваше пауза од четири првенства и повторно појавување на светската ракометна сцена десет години подоцна. Во Хрватска во 2009 година остваривме и најголем број победи (5), но тие беа доволни за пласман на единаесеттата позиција. По две години не настапивме во Шведска 2011 година, за потоа да врзиме пет учества во низа, вклучувајќи го и ова кое стартува денес.
Најдобар пласман беше оној во Катар 2015 година (деветто место), каде во групната фаза бевме одлични со четири победи и само еден пораз. Сепак, Словенија беше нашата пречка за повисок пласман и не исфрли во нокаут фазата. Сега нашите репрезентативци ги очекува Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка, а Македонија по шеснаесет години е повторно во Вараждин.
Наши противници од утре , па во наредните денови ќе ни бидат Унгарија, Холандија и Гвинеја. Најдобрите три селекции од групата продолжуваат во главната групна фаза, која ќе се игра исто така во Вараждин.

