Актуелниот шампион Макс Верстапен покажа дека и кога има побавен болид знае да извлече максимум и да покаже дека е најдобриот возач во Формула 1.
Верстапен во квалификациите за трката за Големата награда на Јапонија имаше најдобро време.
Ова беше всушност и најбрз круг во историјата извозен на легендарната „Сузука“. Верстапен во фото-финиш стигна до време од 1:26,983, што беше доволно за да го преземе врвот. Холанѓанецот беше за само 0,012 секунди побрз од Ландо Норис, додека третопласиран заврши Оскар Пиастри со 0,044 заостанок. Вториот стартен ред го затвора Шарл Леклер.
Од третиот стартен ред ќе започнат двоецот на Мерцедес, Расел на петтото и Антонели на шестото место.
Трката за Големата награда на Јапонија се вози в недела во 07:00 часот.

