Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром загуби во СЦ „Јане Сандански“ од белградски Партизан со 92-74 во рамките на 2. коло во регионалната кошаркарска АБА лига.
Партизан ја оправда фаворитската улога, а клучната предност ја направи уште во првата четвртина која ја реши во своја корист со 23-9. Најефикасен во редовите на МЗТ и на натпреварот беше Страхиња Мицовиќ со 18 поени, а новото американско засилување во тимот од Аеродром, Мајкл Кафи, постигна поен помалку.
За кошаркарите на МЗТ Скопје ова беше прв натпревар на домашен терен по пауза од четири години од настапите во АБА лигата. Следен противник на македонскиот шампион ќе биде црногорскиот првак Будуќност.