Македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер, синоќа запиша и шести пораз во групната фаза од Лигата на шампионите. Битолчани на домашен терен беа поразени од Киелце со 21:24, но со новото тренерско решение во името на Бранко Ангеловски, покажаа во добар дел од второто полувреме дека можат сериозно да им парираат и на најдобрите европски тимови.
„Не беше лесно да се игра против европски вицешампион, мислам дека тој респект што го имавме на стартот, даде еден негативен резултат за нас. По тие 2-9 моравме да правиме сè за да се вратиме во игра. Во второто полувреме имавме еден фуриозен старт. Лесјак правеше чуда на голот и нападот го искористи тоа. Новитет во нашата игра беше нападот „7 на 6“, кој го работевме само утрово на тренинг, но можеше да се види дека тоа вроди со плод. Во соблекувалната на ракометарите им реков дека можеме да бидеме задоволни, но никако среќни, бидејќи забележавме нов пораз. Се надевам во иднина ќе бидеме многу подобри“, изјави Ангеловски на прес-конференцијата по средбата.
Следниот меч за Е. Пелистер ќе биде на 16 ноември на гости кај Пик Сегед.