Во гостувањето во програмата на Спортското радио 90.3 фм, тренерот на кошаркарскиот шампион на Македонија, Васко Атанасов, зборуваше за 10-тата титула на МЗТ Скопје А., за себе како најмлад тренер кој го кренал победничкиот пехар на домашната сцена, за предизвикот по назначувањето на тренерската позиција.
„За нас плеј-офот беше крај на сезона, а МЗТ Скопје А. покажа дека игра најдобро на крајот. Сите бевме фокусирани на сите минути од тие финални дуели. Мислам дека резултатите од трите дуели со Пелистер не ја прикажуваат вистинската сила на битолчани, но ние ја прифативме улогата на фаворит и комплетно ја оправдавме. Полуфиналната серија со Работнички беше исто така многу возбудлива, а за мене како деби на овие дуели со градскиот ривал беше посебно чувство. Мислам дека и публиката уживаше. Сите играчи во МЗТ Скопје А. се неверојатни професионалци. Сезоната беше долга, а момците со својата професионалност покажаа дека може да се издржи темпото. Иако дел од играчите се и повозрасни од мене, мислам дека во ниту еден момент немаше некаква недоверба, туку сите максимално професионално си ги извршуваа зададените задачи и тука лежи и успехот на тимот“, вели тренерот на нашиот шампион, Васко Атанасов.
Комплетниот разговор можете да го проследите на Спортско радио 90.3 фм или на следниот ЛИНК или погледнете го видеото ВИДЕО ЛИНК