Завршувањето на финалната серија од плеј-офот на домашното кошаркарско првенство и одбраната на титулата од страна на МЗТ Скопје А., со себе донесе и неколку интересни факти, кои ќе влезат во историјата.
Актуелниот предводник, во улога на капитен на МЗТ Скопје Аеродром, Дамјан Стојановски го освои осмиот шампионски пехар во својата кариера, со што се израмни на шестото место на листата на најтрофејни кошаркари во историјата на македонското првенство заедно со Тони Симиќ.
Војдан Стојановски, пак, го освои третиот шампионски трофеј, но мора да се земе в предвид дека долги години не играше во домашниот шампионат. Ова е втора МВП награда за него во домашното првенство. Првата, Војдан ја доби во 2011, како играч на тогашниот Фени Инудстри во финалето го победи Работнички со (4-1).
Васко Атанасов е најмладиот тренер во историјата на македонското првенство кој освоил шампионска титула. Струмичанецот дојде до титулата со 29 години и два месеци. Со тоа го собори досегашниот рекорд што го држеше Емил Рајковиќ (29 години и 9 месеци) кој во 2008 година триумфираше со тогашниот Фени Индустри.