По пауза од две недели клупскиот ракомет се враќа и тоа со настап на меѓународна сцена на нашите екипи. Тимот на Еурофарм Пелистер најнапред го очекува натпревар од СЕХА лигата против Металопластика кој треба да биде добра подготовка за двомечот со Магдебрург. За мечот со Металопластика, тренерот на битолжани Жељко Бабиќ вели:
„Сами малку си го загорчивме распоредот, бидејќи продолжуваме да играме во Европа, па почна и СЕХА лигата и домашното првенство, па многу играме и многу патуваме. Веќе е малку поинаку за разлика од претходните години, па на тоа мора да гледаме како на предизвик. И јас како тренер треба да бидам подобар од претходно, треба да направам добар план, ротација и стратегија и да ги распоредиме силите за она што ни следи во март и април“, вели Бабиќ.
Работите сега се различни од декемврискиот дуел во Битола, кој Еурофарм Пелистер го доби со одлична игра во финишот.
„Се сеќавам на натпреварот во Битола против Металопластика, бидејќи беше тежок дуел. Беше последен натпревар во тој дел од првенството и беше психолошко оптеретување за играчите. Сите тие, па и јас, бевме на пат кон дома и игравме тежок натпревар. Имавме проблеми во првиот дел, губевме и ловевме резултат. Сепак, во вториот дел пронајдовме баланс, посебно дефанзивен, и со индивидуални потези на некои играчи создадовме предност и издвојувавме победа во еден тежок и квалитетен натпревар“, заврши предводникот на Еурофарм Пелистер.
Битолчани денес патуваат за Шабац, а попладнево ќе го одработат единствениот тренинг во Србија, пред меѓусебниот дуел в четврток од 17:00 часот.