Проблемите на Еурофарм Пелистер се зголемуваат, па покрај повредите и поразите, сега проблем е и позитивен тест на коронавирус на нивиот тренер Жељко Бабиќ. Имено, Хрватот синоќа добил информација за позитивниот наод на својот тест пред патувањето во Магдебург и остана во Македонија.
„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека при последното тестирање на ковид-19, неопходно за патувањето на екипата во Магдебург, тренерот на екипата Жељко Бабиќ е позитивен на ПЦР тестот. Се работи за асимптоматски случај и Бабиќ веќе е во карантин. Наместо него екипата во Магдебург ќе ја водат неговите помошници Божидар Мојсов и Ице Соколески. Бабиќ ќе ги пропушти и натпреварите против Младост Богданци (Куп) и Татран Прешов (СЕХА лига). Клубот му посакува брзо оздравување и враќање на работното место. Исто така известени се претставниците на Вардар 1961, со кои Еурофарм Пелистер играше натпреварот од плеј-офот на Суперлигата во саботата“, се вели во соопштението на клубот.
Еурофарм Пелистер се наоѓа пред елиминација од Европската лига, бидејќи на првиот осминафинален натпревар во Битола загуби со осум разлика од Магдебург.