Подмладената кошаркарска репрезентација на Македонија запиша пораз на гостувањето во Тбилиси, но утре вечер, од 20 часот, в А1 Арената „Борис Трајковски“ ќе има можност да направи подобар резултат во реванш дуелот.
Македонија и на овој меч ќе биде без првиот стратег Драган Бајиќ кој и на последниот ПЦР тест бил позитивен. Нашата селекција ќе ја предводи в.д. селекторот Александар Јончевски.
„При анализата на натпреварот штo го одигравме во Тбилиси, забележавме многу работи кои можеме да ги поправиме. Работевме на моментот да ги запреме нивните најдобри играчи Мекфејден и Шермадини, но не успеавме во тоа и ќе се обидеме тоа да го направиме во Скопје“.
„Имавме најави дека на утрешниот натпревар ќе се вратат неколку важни репрезентативци како Димитријевиќ, Мекиќ, Ѓуроски… но освен Димитријевиќ кој е присутен на тренинзите, се уште не можеме да сметаме на останатите“ – појаснува Јончевски.