Раководството на Балканската кошаркарска лига испрати писмо со намери до Кошаркарската федерација на Македонија, со кое менаџментот на лигата која опстојува 12. години на овие простори, нуди можност за натпреварување на македонски клубови во сезоната 2020/2021 година.
Пред да биде завршена сезоната 2019/2020, во БИБЛ лигата веруваат дека во онаа наредната ќе се реализира натпреварување со најмалку по два клуба-учесници од земјите во нашето опкружение.
Односно, освен нашата федерација, исти такви покани стигнаа и до националните федерации на Албанија, Бугарија, Косово, Црна Гора, а постои можност во лигата да биде вклучена и некоја екипа од други земји на Балканот.
Во зависност од бројот на пријавените екипи, БИБЛ предвидува формат за играње со 8, односно со 10 или 12. клубови учесници. Лигата 2020/2021 би стартувала на 20 октомври, а би била завршена со финален турнир во период од 16 до 18 април 2021 година.