Двата најголеми ривали на домашната кошаркарска сцена, МЗТ Скопје А. и Работнички, вечерва од 19.30 часот ќе ја имаат честа да ја кренат завесата на новата кошаркарска сезона кај нас.
Откако минатата сезона МЗТ Скопје Аеродром ги освои двете домашни титули, денеска против Работнички ќе се сретне во дуел и за третиот трофеј, оној наменет за најдобриот македонски состав во Суперкупот.
„Ќе биде убаво ако сезоната ја започнеме со освојување на трет пехар во серија. Суперкупот е натпревар кој е увертира за новата натпреварувачка сезона во кој нас нè чекаат многу натпревари. Би требало да биде релативно ревијален тип на натпревар. Имавме проблеми со повредите во целиот тек на подготовките. До последен момент не знам кои играчи ќе ги имаме на располагање за овој меч. Но имаме и добри информации за тоа како играше Работнички во периодот на подготовките. Се надевам на една спортска приредба, и на крај, да ја започнеме сезоната со победа. Ќе биде интересно, во секој случај, да видиме до каде сме во овој момент“- смета тренерот на МЗТ Скопје А., Дарко Радуловиќ.
Тони Симиќ како нов шеф на стручниот штаб на Работнички, пред дуелот со „штрковите“ вели:
„Ова е еден сосема нов проект на Работнички, каде што целосно е променет играчкиот, тренерскиот, и дел од раководниот сегмент во клубот. Направен е еден целосен ‘ребилдинг’ на сите нивоа. Ова лето го искористивме да се екипираме, да формираме играчки кадар согласно со актуелните можности. Во никој случај не беше лесно, со оглед на тоа дека правиме тим кој треба да се обиде да го претстави Работнички во најдобро светло. Сигурно е дека ни треба време да се воиграме. И мора да се биде трпелив во тој поглед“.