Ракометарите на Металург денеска на прес-конференција го најавија првиот меч во оваа 2019 година на домашен терен, оној саботниот против ППД Загреб во 14. коло од СЕХА лигата.
Тренерот на „металурзите“, Данило Брестовац, вели дека овој ќе биде поинаков меч, со оглед на промената на тренерското место кај противникот.
„Позитивно е што играме дома, но факт е дела Загреб е квалитетен, добар противник, кој има нов тренер и сигурно нов концепт на игра. Познавајќи го Тамше како тренер на Целје, тој е спротивен на Лино, односно претпочита побрз ракомет, многу трчање, брз напад и максимална игра во двата правци. Поради тоа ми е малку потешко да поставам тактика за овој натпревар и ќе мора да реагираме и да се адаптираме на самиот натпревар, како во нападот, така и во одбраната“, вели Брестовац.
Дуелот во сабота се игра од 20:15 часот во СЦ „Боис Трајковски“.

