Вардар го забележа и третиот пораз во ракометната Лига на шампионите, откако на домашен терен загуби од Висла Плоцк со 26-32. По средбата, тренерот Иван Чупиќ не бараше оправдувања, туку отворено ја презеде одговорноста за тактичките одлуки, особено за играта „седум на шест“.
„Лошо го отворивме натпреварот. Знаевме дека во нападот ќе ни биде тешко во текот на сите 60 минути и се подготвувавме за тоа. Работевме на играта ‘седум на шест’, со четворица бекови и на класичната игра ‘шест на шест’. Знаевме дека ќе мора постојано да се приспособуваме и да не му дозволиме на противникот лесно да се адаптира. И во првото и во второто полувреме имавме моменти во кои нападот изгледаше добро. Сепак, моја грешка беше одлуката да преминеме на ‘седум на шест’. Примивме три или четири лесни голови на празна мрежа. Одбраната до тој момент беше добра, компактна и агресивна, но со таа одлука малку го нарушивме нашиот ритам“, изјави Чупиќ.
Вардар се уште ја чека првата радост во ЛШ, а следниот меч ќе биде следната недела против Висла на гостински терен во Полска.

