Ракометарите на Вардар утре ќе го дочекаат Кристијанштад во еден од клучните натпревари од групната фаза на Европската лига на ЕХФ. Откако минимално загубија на гости кај Швеѓаните, сега вардарци треба да победат за да се вратат на првото место во групата кое носи поволности понатаму.
На прес-конференцијата денеска зборуваше тренерот Иван Чупиќ.
„Нè очекува реваншот со Кристијанштад, откако загубивме таму со еден гол разлика. По пораз се преиспитувате и анализирате, имавме добри тренинзи иако немавме доволно време поради натпреварите. Одиме на победа пред нашата публика во „Јане Сандански“. Секогаш мора да важиме за фаворит, ги повикувам навивачите да направат вистинска атмосфера и со победа да се избориме за првата позиција. Пред се, мислам дека нападот со игра „шест на шест“ беше добар, но имавме доста технички грешки во транзиција и со трчањето. Сите скандинавски екипи како и Кристијанштад, прават резултат на грешките на противникот. Една од главните работи кои ги договаравме е поголема дисциплина во трчањето, бидејќи тука мора да се подобриме најмногу за добар резултат. Се посветивме повеќе на тоа и мислам дека тоа може да ни помогне.
Оваа група е израмнета, Сесвете забележа добри резултати и има свој квалитет, па сигурно нема да се предаде. Можеби сега делува дека Тулуз е во загубена ситуација, меѓутоа ништо нема да се знае до последното коло. Ние гледаме тоа што е до нас, да победиме уште еднаш на домашен терен и да се вратиме на врвот. Потоа чекор по чекор да одиме на последните два меча. Од Кристијанштад загубивме по долга серија без пораз, а сега сакаме да се вратиме. Секогаш калкулираме и за иднината, ама во оваа фаза на натпреварувањето никој не може ништо да гарантира. Мора да играме, да напредуваме и да се поправиме. По зимските подготовки очекувам дека Вардар ќе биде најдобар што може да биде од февруари до јуни, а за што тоа ќе биде доволно – ќе видиме. Свесен сум каде дојдов, а Вардар мора секогаш да победува. Ова е тим во кој дури и ако имаме само шест подготвени играчи мора да оди на триумф“, изјави Иван Чупиќ.
Вардар утре го пречекува Кристијанштад во СЦ „Јане Сандански“ во терминот од 18:45 часот, а „црвено-црните“ очекуваат максимална поддршка од трибините.
Моментално Кристијанштад е лидер во групата Ф со пет бода, додека Вардар има четири.

