Македонскиот ракометен шампион Вардар е првиот и единствен машки клуб во Македонија кој ќе има женски тренер во стручниот штаб. Како што објавија од клубот, стручниот штаб на Вардар доби нов член во Билјана Црвенковска, која ќе работи заедно со главниот тренер Роберто Гарсија Парондо и тренерот на голманите Дејан Периќ.
Црвенковска е поранешка ракометарка на женскиот клуб на Вардар, и повеќе од една деценија репрезентативка на Македонија. Досега беше на местото заменик директор во клубот каде работеше по завршувањето на професионалната кариера во 2014 година.
„Среќна сум за шансата што ја добивам и навистина се чувствувам почестена што ќе бидам дел од стручниот штаб на Вардар, односно помошник на тренерот Роберто Парондо. Ова е ново искуство и голем предизвик за мене. Ќе дадам сѐ од себе максимално да му помогнам на стручниот штаб и на целиот тим. Веќе неколку години сум дел од екипата на Вардар, со нив присуствувам на сите домашни натпревари, како и на повеќе гостувања. Знам како функционира тимот, се познаваме добро и очекувам соработка каква што и досега имав“, изјави Билјана Црвенковска.