Македонскиот кошаркарски стратег Емил Рајковиќ доби отказ на тренерското место во руска ЦСКА. Тој го предводеше московскиот тим од летото 2022 година. Рајковиќ во изјавата по завршувањето на соработката со ЦСКА им се заблагодари на раководството на клубот, играчите, навивачите, а воедно изрази надеж дека московјани ќе ја освојат титулата на крајот од оваа сезона во ВТБ-лигата.
„Би сакал да изразам голема благодарност до кошаркарскиот клуб ЦСКА и неговиот претседател Андреј Ватутин за постојаната конструктивна соработка и довербата што ми ја укажаа, благодарение на што ја предводев една од најуспешните екипа во историјата на европската кошарка. Во текот на овие две години имавме многу победи и голем број пријатни моменти кои ќе останат во моето сеќавање. Сега сакам да им се заблагодарам на мојот персонал, на играчите и, не помалку важно, на навивачите на ЦСКА, кои секогаш не поддржуваа на секој натпревар. Искрено се надевам дека смената на тренерот ќе го поттикне тимот, кој со враќањето на Каспер Вер ќе ја постигне својата цел и ќе ја освои титулата“, изјави Рајковиќ.