Ракометната репрезентација на Македонија е поразена убедливо на гостувањето во Данска кај актуелниот светски шампион кој на свој терен ја победи Македонија со 37:21 и на најдобар начин се реваншираше за поразот во Скопје.
По херојскиот триумф во Скопје пред три дена, денес нашата репрезентација настапи без тројца клучни играчи, капитенот и селектор Кире Лазаров, искусните Миркуловски и Стоилов кој воопшто не отпатува во Данска поради повреда.
Од почеток до крај Данска покажа дека максимално влегува на оваа средба и не дозволи Македонија која настапи со подмладен состав да им ја загрози победата. Стручниот штаб донесе одлука шанса за настап да добијат младите Мартин Серафимов од Металург и Емилијан Ѓорговски од Голден Арт КЛ7, како и кружниот напаѓач на Пролет, Михаил Аларов кој го замени повредениот Стојанче Стоилов.
Најпрецизен во нашиот тим беше Филип Кузмановски со пет гола, а по три постигнаа Пешевски и Велковски. Кај Данците се истакнаа Гитсел со седум и Тофт Хансен со пет гола. До крајот на квалификациите за ЕП во Унгарија и Словачка нашата селекција треба да одигра уште два натпревари, на гости кај Финска и дома против Швајцарија.