Ракометната екипа на Бутел Скопје денес доби големо засилување на голманската позиција. Златко Даскалоски, поранешениот македонски репрезентативен голман со големо интернационално искуство, се враќа во нашата земја, откако постигна договор со амбициозниот Бутел Скопје.
Искусниот чувар на мрежата, во кариерата има настапувано за Вардар, Ловќен, Пролет, Анкара и Темишвар, потпиша договор на две години со скопскиот клуб и се надева на успешни настапи во Суперлигата и во Купот на ЕХФ.
„Со раководството на Бутел Скопје веќе подолго време бевме во контакт, но поради моите ангажмани надвор од земјава, не можевме да направиме посериозни разговори и да ги реализираме плановите. Драго ми е што ќе бидам дел од овој сериозен проект, кој ветува многу во наредните години. Се голем број од новите соиграчи се познавам од претходно и сме настапувале во исти клубови. Со тренерот Котевски исто така соработував во Вардар Јуниор и одлично ги познавам неговите барања и очекувања. Се надевам на добра сезона како на домашна цена, така и во ЕХФ Купот”, изјави Даскалоски.
Даскалоски е второто засилување за Бутел ова лето, откако тимот го договори и одличниот лев бек Давор Шокоски.

